Наташа Пејчева, дипломиран технолог и раководител на погон за праработка во АГРИА: Добрата производствена и хигиенска практика се клучни за безбеден и врвен производ
1. Кои се клучните процеси во погонот за преработка на месо и како Агриа обезбедува постојан висок квалитет на своите производи?
Процесот на обработка на месото проследено со низа помошни процеси, односно трансформација на месото и додатни состојки во добивање на финален готов производ преку постојано следење на температурни режими се клучни процеси во нашето работење. Традиционалните методи за обработка и преработка, следење и почитување на законските регулативи, воспоставување на стандарди и постапки, континуирана обука на вработени, се само дел од развојот и унапредувањето на квалитетот на нашите производи. Производниот процес е збир од повеќе работни процеси и тоа: процес на подготовка, процес на контрола, процес на одржување и процес на управување.
2. Какви мерки и стандарди се применуваат за да се осигура максимална безбедност и хигиена во процесот на преработка на месо?
Од суштинско значење е секој производ кој е произведен во нашата компанија да нема никаков ризик во рамките на нормалните услови на употреба. Многу важен елемент е идентификување на критичните контролни точки и нивно следење. Исто така, микробиолошките анализи на вода и храна направени во редовни интервали допринесуваат за безбеден и квалитетен производ.
Добрата производствена и добрата хигиенска практика се клучни мерки за безбеден и врвен производ. Ова вклучува серија на заштитни мерки, како: хигиена на персонал, хигиена на површини што доаѓаат во контакт со храна, чистење, миење и дезинфекција, спречување на вкрстена контаминација, контрола на суровина, зачини и пакувања, складирање и транспорт, следливост на производи и ред други мерки. За да ја зголемиме довербата кај купувачите и заинтересираните страни, како компанија ги имаме имплементирано: HACCP, ISO 9001 и ISO 17025.
3. Кои технолошки иновации и модернизација ги има имплементирано Агриа во својот погон за преработка, и како тие придонесуваат за подобрување на ефикасноста и квалитетот на финалните производи?
Модернизацијата е важен двигател во развојот на нашата компанија. Ги следиме најновите технологии и инвестираме во машини и опрема. Со континуирано усовршување, посветеност, инженерско знаење и благодарение на современиот систем на машини на сите меѓусебно поврзани операции, како што се мелење, мешање, формирање, обликување, пакување и декларирање, го зголемивме производството и ја олеснивме работата на нашите вработени. Добивме побрзи работни циклуси, повисок квалитет, ефективност, ефикасност и спремни сме да освојуваме поголеми пазари.
4. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во секојдневното управување со погонот, и кои стратегии ги користите за да обезбедите непрекината и ефикасна работа?
Предизвиците се составен дел од секојдневието кога се занимавате со производство. Тие всушност се можност за личен раст и развој, постојано учење и усовршување. Подолг временски период сме принудени да функционираме и опстојуваме во кризни услови. Како одговорна компанија, посветени сме на носење вистински и разумни одлуки во право време. Преку предвремени планирања, редовни контроли на суровината и репроматеријалите, флексибилноста, тимската работа и отворената комуникација, ги надминуваме предизвиците и целиме кон подобрување.
5. Како жена дипломиран инженер технолог и раководител во погонот за преработка на месо, кои се вашите главни одговорности и што ви претставува најголем предизвик, а што најголемо задоволство во вашата работа?
Веќе 11 години сум дел од тимот на Агриа и обавувам функција која нуди постојано учење, надоградба на знаењето, високо чувство на одговорност и компетентност. Секојдневно сум сведок како една жена може да биде вистински креатор и иноватор во производството. Конечно се разбиени сите бариери и урната е асоцијацијата дека инженерските функции може да ги извршуваат само мажи. Свежината од женска енергија е секогаш добредојдена, па така, моментално на професијата инженер-технолог и се придава уште поголемо значење.
Работењето во индустрија бара пожртвуваност и спремност во секој момент да се одговори на настанатите негативности и непријатности кои ги носат самите процеси. Многу голема обврска и вистински предизвик е да се произведе квалитетен производ кој ќе биде прифатен и од страна на потрошувачите. Работните обврски како технолог во Погонот за преработка на месо опфаќаат координирање, организирање и контролирање на целокупното производство, предлагање мерки за подобрување на процесите, составување на рецептури за производите, спроведување на обука на вработените, изработка и одржување на документацијата за целокупните системи и стандарди како и нивна контрола и надгледување.
Особено задоволство ми претставува ефикасното завршување на поставените задачи во рекордно време и секако одржување на стандардот на кои се навикнати потрошувачите на нашите производи.